Од друг агол...
Friday, September 06, 2013 10:06 PM
Се сеќавам на тој ден… и тоа како се сеќавам на тој поглед, беше септември, а беше зима во нејзините очи.
Нејзиното пристигнување беше претходно најавено, таа беше долгоочекуваната, помеѓу тие изронати ѕидови, сеуште влажни од ланскиот снег веќе долго време немаше ништо ново… ама баш ништо ново, ние бевме исти за разлика од условите на средината во која што живеевме кои секојдневно се влошуваа, веќе и досадата нè напушти, а тишината најде нов пријател – тоа беа шумовите од расипаните славини кои деноноќно капеа и не запираа.
Колку им завидував, посакував моите очи да беа тие славини па да можев да ги завртам и да ги ослободам солзите од кои бев презаситена. Но, тоа не беше единственото нешто од кое бев презаситена, а да не зборувам само во мое име сите бевме презаситени од лигавите доручеци, ладните порции, сувиот леб на таа богата трпеза, од бодликавите жици кои никнуваа од душекот на креветот, секоја ноќ како цветови во пролет, од честите викотници, пискотници. Но, најмногу бевме уморни од нови лица (социјални работници, учители, негователки) сите доаѓаа и си одеа, немаше староседелци освен некои од нас.
“Нас” тоа сме ние залутани души, турнати од работ на среќата, исфрлени од под стреата на сигурноста… во општеството прифатени како сирачиња. Кога ќе дојдеш тука учиш да делиш, да сакаш, да чуваш и најбитно да почитуваш! Ако претходно си немал никој, тука имаш браќа, сестри и разновидни старатели, а за инвентарот… хммм, имаш кревет кој понекогаш несебично го делиш, покрив над главата и три оброци дневно. Можеби не е многу, но барем е твое.
Се сеќавам јас кога дојдов во домот се осеќав збунето, исплашено но не дозволив другите да го осетат тоа, чекорев гордо кон вратата, иако се спружив на третата скала. Без потсмев се искачив до врвот. Тој ден и мојот поглед беше љубопитно вперен кон неа, како што беше и кон мене тогаш, само што тоа што го затекнав во нејзините очи беше несвојствено за мене, тоа беше како зима, која што прерано дошла и нè фатила неподготвени, нè замрзнала. Да, нејзиниот поглед беше ладен, нејзината душа беше мртва. Кога би ја видел човек од далеку не би си помислил дека ќе стигне до овде, секој би го видел тој став, тој потенцијал на победник. И не само тоа, таа беше посебна, имаше појава која плени, имаше убавина која не поминува незаприметено, нејзиниот глас беше како нежна мелодија која за жал не ја слушавме толку често. Сите ја примивме со отворени срца, очекувавме нов член во семејството но за жал не го добивме. Таа беше како дух кој го исполнуваше креветот над мене. Со себе носеше куфер преполн со алишта, кои од кои поубави. Тоа за неа беше само склад на болни спомени, така таа го нарече, само еднаш… кога ми го предаде.
Знаев дека е поинаква од нас и таа знаеше дека не припаѓа овде, тоа што не знаевме е дека бара друго прибежиште и дека ќе замине толку брзо.
Мистерија, тоа беше таа за нас, не правеше проблеми, доволно ѝ беше од тие што ѝ беа направени, само чмееше во ќошот од креветот незаинтересирана, глува и нема за сè околу неа читајќи една иста книга. Тоа беше стварно добра книга, веројатно единствената која ќе ја читам до крајот на животот. Не помина многу, само месец – два до нејзиното патување, а поминаа неколку години откако отпатува. Знам дека ѝ бев најблиска иако не ми го кажа тоа, можеби немала време, но тоа е не битно, ова што го осеќам вреди колку милион зборови, а времето е измислена димензија за ориентација во просторот.
Тој ден беше стварно зима, тој ден почнав да гледам од друга перспектива на она што го имам и да тежнеам кон остварување на посакуваното затоа што кога еднаш ќе останеш сам на студот сфаќаш дека немаш никој, дека од сега па натму си сам и никогаш повеќе нема да се стоплиш. Има два вида луѓе. Оние кои се предале и оние кои сеуште се борат. Јас спаѓам во втората група, но не и таа… нејзиното кревко безживотно тело беше пронајдено утрината, положено во снежна постела од далеку наликуваше на замрзнат ангел со склопени раце и стаклен поглед. Овој ангел таа вечер како и секоја друга после долгото размислување одлучи своите мисли да ги однесе на друго место и го одбра највисокото место од зградата.
Одлучи да го прими последниот пораз, да ги склопи очите и да ги дофати ѕвездите, да се најде на врвот и да полета, да се предаде!
Таа не беше борец, нејзината сила беше одземена како и животот на нејзината мајка, нејзината душа умре заедно со неа, во нејзините очи остана заробен погледот на нејзиниот татко – убиец, таа беше само дете на кое ѝ беше дадено сè и во дел од секунда сè и беше одземено.
http://ilike.mk/zivot/subcategory/od-drug-agol/
No comments:
Post a Comment