4/12/2018

Каење


Очи каде бевте до сега !?
Имам макотрпна обврска да се искупам за гревот,поточно виси како облак напумпан тежок,сив спремен во секое време да го истури дождот што му тежи.
Да си премолчев гневот ќе излезеше безначаен но не било така тој ниту губи свежина,ниту се троши,не може да се изаби,да стани помалку моќен а полошо од се е што ми станува навика да добивам многу од лична гордост потенцирана со вкус на туѓа среќа,затоа се каам.
Каењето како душевна состојба метаморфозира во животот во оние денови кои ни осамениот зрак сред облачно утро не ги спасува и на веселата мелодија и недостасува некоја нота па изгледа некако глува.
Па се каам за сета тишина што преовладува како параван на генералната неправда поткована со предрасуди а ни тие немаат расчистено со себеси,се каам за лажните пријателства подложни на социјална категоризација,празни насмевки на стари слики кои ги кријам во детските албуми од кои стравувам дека ќе ме задушат.
Се каам за искрената љубов сриена во долапче од срцево неискажана,непризнаена од тие денови кога немало погледи и зборови ниту мои,ниту нечии други за таа блискост некогаш речена па недоречена поради осуда. Ние двајца во виор од погледи кои светкаат,филмска сцена а ти незнајко човечки ми поклони парче од срцето кое го зафрлив во мозаикот на истрошени делови и за тоа се каам.
Ми натежнала некоја лудост на покајание од сите спомени кои фатиле некоја фина прашина покрај сите сништа и надежи што ги туткам под перница а ме копка мислата дека можев подобро. Заборавив за капацитетот кој ми остана надвор од рамката на општествените стеги и комплексот кој како силен екот се трудеше да ми каже сеуште е недоволно.
Се каам што не живеам во доба без маски над нашите огледала,во уникатен човеков однос каде не се дискриминира по раса,ниту по род,а најмлаку по религија и стереотипи слични на нив што се обидуваат да не навјасаат,надзборат,зативнат.
Се каам што не приговорив за непотребното,за потсмев,за клевета,за грев, ми натежнале а ги покрив небаре се чкртки од мастило а не видни лузни на душава.
Се каам и за оваа искрена творба на чиста голотија,продор во себеси каде гледам утеха разбранета во море што може да ги поднесе сите гадости на душата и на крај пак да излезе на чисто.

1/27/2018

Тагата на среќата

А што вреди успехот во очите на човек со неисполнет сон?
А што вреди човек во очите на среќата со него?
А што вреди среќата во очите негови? -Сè!

 Среќата моја е неоткриен остров на далечниот континент, таен свет во океан од стравови. Таа постои. Не многу долго, но постои: дише, сонува, љуби. Како прашинка е, незабележително зрнце меѓу песочни дини, а јас ја гледам, за мене е видлива како единствен дијамант, камен драг, меѓу сивите точки на асфалтот. Не, впрочем таа не се гледа, таа се слуша и се доживува со целиот механизам возможен за нас луѓето.
 Нејзиниот глас е првата капка дожд на крајот од облак, кој создава милион капки,нејзината појава е толку секојдневна како самогласка во три-томен роман. А јас... го слушам патот на капката што паѓа, приказната нејзина што ја премолчува и пред мене и пред светот,ја препрочитувам секоја самогласка и помеѓу илјадници страници ја наоѓам неа - мојата буква, изгубена половина, среќа украдена и со клуч од спомени во срце зачувана.
 Не познавам друга среќа како мојата, обично другите, тие туѓите, се побогати - раскошни и убаво облечени, наконтени, намирисани, со фасада од вештачка убавина. Е, мојата не е.
 Таа е притаена, повлечена и скромна, ѕвезда - сама во галаксија, центар на своја ротација и револуција,како последниот задоцнет црешов цвет во јапонска алеа. 
 Затоа што убавината е секогаш покриена, нетранспарентна, одложена категорија, зачувана за највредниот трагач.
Парадоксално, а не и необично, мојата среќа е несреќна. А можеби и не ми е среќа, туку само несреќна појава што нема среќа. Но, не... не ја криев толку долго време, не ја болев, не ја сонував за да ја оставам! Не.
Тагата на мојата среќа е неможноста да промени една судбина, еден живот на нејзин близок, една точка во сликата на денот, микрочестичка во организмот, комплексна структура во фамилијарното стебло, од човека непоправлива.
Каде сум јас тука? Како јас сега да ѝ помогнам на мојата среќа?

Ветување си заклучив, како еден ден да имам живот, ветување несебично - да променам сè!
А како, кога среќата моја не ми дозволува, не ме ислушува и да ѝ се доближам ми забранува?
Сите други, штом слушнат дека нивната среќа е несреќна, бараат друга среќа.
Не се истрајни, челични во волјата и намерата, не се вредни... Среќо, сè што имам ќе дадам, сè што немам ќе најдам само да ми дадеш рака, твојата рака, а со другата - светот ќе го подигнам!
Немам друга среќа, среќо! Не ни барам. Јас мојата ја најдов во сите моменти на кои им се даде можност да се вечни, во сите песни низ кои прелетуваш, низ зборовиве на ова парче вистина во кое те опишувам, низ броевите во математиката што ги избегнувам, низ соништата - проекции на потсвеста во кои те сретнувам...
Еден ден, ќе дојдат и моите пет минути и ќе траат дупло - така викаше ти, еден ден среќо, кога ќе се смени воздухов за нијанса, кога времето сегашно, ќе биде само сеќавање, а можностите ќе светнат како комета на чисто, летно, планинско небо, ќе дојдам среќо, и ќе чукнам на твојата врата. Ќе ги имам сите одговори веродостојни повеќе од вистината, сите решенија и клучевите за сите несреќи и разделби. И никогаш да не ми отвориш, ќе ти ги оставам овие три подароци пред прагот и ќе заминам, знаејќи дека и мојата среќа е среќна.

Среќо моја, што името ти е победа,чувај се !
а што вреди успехот во очите на несреќен човек,
а што вреди тој човек во очите на среќата,
а што вреди среќата во очите на тој човек?